Четиричлена делегација од Општина Кочани, викендов присуствуваше на одбележувањето на градскиот празник на збратимениот град Крањ, Република Словенија.
Целта на посетата беше да се продлабочи соработката на институционално ниво и да се изнајдат нови форми за соработка и заедничко дејствување.
Настаните што беа дел од програмата за одбележување на празникот на Крањ, помогнаа да се воспостават контакти со Градската библиотеката, која е една од најуспешните во Европа, да се разговара за реализација на проекти од меѓународен карактер.
Свечената академија, изложбата во Градската галерија и свечениот чин на запалувањето на новогодишното осветлување беа примери за начините на организирањето, финансирањето и соработката со граѓанскиот сектор во реализација на културните активности на Општина Крањ.
За догодина, во рамките на одбележувањето на градскиот празник, Кочани доби покана за свое културно претставување во Крањ, кое дополнително ќе биде конкретиризирано.
Соработката меѓу општините Кочани и Крањ датира од 2007 година, при што досега Кочани има добиено противпожано возило како донација од Противпожарната единица на Крањ за нашата Единица и во 2014 г. комунално возило-дигалка, донација од приватна компанија, наменето за потребите на КЈП „Водовод“.