Продолжуваат градежните работи на обиколницата кај Кочани. Со засилено темпо се работи на комплетна рехабилитација на сообраќајницата која продолжува кон граничниот премин со Бугарија и важи за крвоток на овој дел од државата.
– Придобивките од подобрувањето на оваа важна сообраќајница се двојни, добиваме реконструирана обиколница, а истовремено го искористуваме и отстранетиот односно изгребаниот асфалт. Благодарение на воспоставената соработка со државните институции, сронетиот асфалт се транспортира со камиони и се постила на критични локации, пред сè во кочанските села. Топлото време помага во зацврстувањето на асфалтната маса и придонесува за делумно подобрување на состојбите на улиците со нерешена инфраструктура – информира градоначалникот Николчо Илијев.
Според стручните служби од Општина Кочани, досега е послан гребан асфалт на вкупна должина од околу два километра.
Работите на обиколницата се очекува да завршат согласно пропишаните рокови.
При наодамнешниот увид извршен од страна на министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов беше истакнато дека во овој регион се вложени преку 330 милиони евра, како во делот на изградба на експресни сообраќајници, така и во делот на реконструкција и рехабилитација на овие патишта.