Продолжен е рокот за пријавување на конкурсот за обука на жени за брендирање, пакување и продажба на земјоделски производи. До 6 ноември заинтересираните жени коишто се невработени или вработени во земјоделскиот сектор, кои имаат идеја за започнување земјоделски бизнис, имаат сопствен бизнис во земјоделскиот сектор или се косопственички на таков бизнис, можат да ја искористат можноста да се здобијат со нови знаења и да ја подобрат конкурентноста на пазарот.
Пријавувањето е електронски преку веб-страницата на Општина Кочани или со пријава во Општина Кочани. Обуката ќе биде дводневна, онлајн и ќе се реализира во втората половина од ноември. Се охрабруваат да се пријават жени од ранливи категории: самохрани мајки, жени од рурални средини, жртви на семејно насилство, жени со попреченост.
Ова е последната од серијата тематски обуки за економско јакнење на жените што Фондацијата ЦЕЕД Македонија во соработка со Општина Кочани ги спроведуваат како дел од проектот на UN Women – „Промовирање на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА.