Во пресрет на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, Општина Кочани и Организацискиот одбор подготвија програма за одбележување на овој ден на сеќавање, која ќе се реализира достоинствено, со длабока почит кон загинатите и со искрена грижа и надеж за закрепнување на повредените.

Програмата претставува комбинација од спортско-рекреативни  и културно-уметнички содржини. Предвидени се планинарски марш, трчање и велосипедско возење, како и кошаркарски натпревар во кој ќе учествуваат и повредените во „Пулс“. Овие активности се организираат како симболична порака на живот, издржливост и заедништво – во чест и спомен на загинатите, а во поддршка на оние кои продолжуваат храбро да се борат и закрепнуваат.

Оваа годишнина ја доживуваме како момент на тивко сеќавање, но и како момент на човечка солидарност. Кочани ја носи болката од загубата на 63 млади животи, но во исто време ја памети и огромната поддршка што ја добивме од многу пријателски држави, институции и луѓе со големи срца.

Културно-уметничките настани вклопени во програмата ќе донесат признати уметници од нашата држава кои со своите настапи ќе оддадат почит кон Кочани, а со симболични уметнички инсталации ќе покажеме дека младите, чии животи згаснаа во пожарот, секогаш ќе останат дел од нас.