Од понеделник, 28 октомври 2019 год. до недела, 3 ноември 2019 год., ќе се промени режимот на сообраќајот на десниот коловоз од булеварот „Тодосија Паунов“, во правецот Кочани – Оризари, од Автобуската станица до крстосницата со ул. „Киро Кикенски“.
Поради градежни активности за рехабилитација на овој потег, сообраќајот ќе се одвива само по левиот коловоз и во двата правца.
Заради поголема безбедност во сообраќајот ќе биде забрането задржување и паркирање на возилата, а се препорачува прилагодување на брзината на движење и совесна примена на сите сообраќајни правила и прописи.
Според информациите на службите од Одделението за уредување на градежно земјиште, ќе се отстранува горниот слој од асфалтот на десниот коловоз на „Тодосија Паунов“ во должина од 777 м. На тој дел ќе бидат поставени нови рабници и асфалтна надградба. Реконструкцијата се реализира со средства во висина од 4,4 милиони денари, од кои 3 милиони се грант за успешно реализиран проект од Светска банка, а остатокот е општинско кофинансирање. Работите ќе ги изведува претпријатието „Ленд груп“ од Скопје.
Градежните интервенции на оваа фреквентна делница беа внесени во развојните програми на Општина Кочани поради лошата состојба произлезена по вградувањето на атмосферската канализација во 2017 година.
Општина Кочани бара разбирање од граѓаните за претстојните градежни активности и измената на сообраќајниот режим на булеварот „Тодосија Паунов“.