Избран е најповолен понудувач за асфалтирање уште на четири улици во Кочани.
Во наредниот период, со средства од Буџетот на Општина Кочани, ќе се асфалтираат: „7 Септември“, „Искра“ – крак 2, исток; „Карпошово востание“ и крак од улицата „Крум Вранински“.
По спроведената отворена постапка, за изведувач на градежните работи е избрано градежното друштво „Премиум билдинг“ од Скопје.
Сите улици опфатени со оваа јавна набавка се наоѓаат во населбата Усова Чешма, а асфалт ќе биде поставен во вкупна должина од 720 м. Поради нерешената патна инфраструктура деловите од овие улици создаваа сериозни проблеми за месното население.
Од Буџетот на Општина Кочани се издвоени средства за асфалтирање и на улиците „Борис Ефтимов“, „Васил Главинов“, крак од „9 Мај“ и крак од улицата „565“ во Лесна индустрија, за кои веќе е избран изведувач.
Пролетниот период како погоден за реализација на градежни работи, Општина Кочани го дочекува подготвено со веќе започнати земјени работи или со избрани изведувачи на половина од триесетината планирани улици за изградба во Кочани и во населените места.