Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев ја прифати препораката од координаторите за еднакви можности во општинската администрација за спроведување мерки за еднаков третман на жените и мажите при вработување во Територијалната противпожарна единица – Кочани.
Во препораката којашто е изработена под менторство на Кристина Хаџи Василева, во рамките на проектот „Промоција на родово одговорни политики во Југоисточна Европа“ финансиран од UN Women, стои дека со можноста да им се даде приоритет на кандидатките, како лица од незастапениот пол во Територијалната противпожарна единица, ќе се спречи исклучувањето или ограничувањето врз основа на пол и ќе овозможи признавање, остварување или практикување на човековите права и основните слободи врз основа на еднаквост на жените и мажите. Тоа ќе придонесе и кон родова еднаквост, разбивање на родовите стереотипи и предрасуди што се поврзуваат со одредени професии, меѓу кои е и пожарникарството. Едновремено ќе овозможи и подобрување на економската положба на жените – стои во препораката до градоначалникот Илијев.
Во рамките на проектните задачи, менторката Кристина Хаџи Василева присуствуваше на седница на Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Кочани, на која меѓу другото беа изнесени иницијативи за нови активности во кои ќе биде внесена родовата перспектива. Наредниов период со средства од UN Women ќе биде реализирана обука за еднакви можности за сите членови на Советот, а се планира и изработка на Стратегија за развој на Кочани.