Во Кочани ја посети компанијата „Амфенол“, странска инвестиција од САД во која се ангажирани околу 330 вработени, со најава дека во наредниот период треба да се вработат вкупно 2500 лица.
На влезот во градот, Груевски проследи дел од активностите за изградба на атмосферска канализација во Кочани, проект кој се реализира со грант од 1 милион и 200 илјади евра од Европската инвестициска банка.
Во присуство на мештани и гости, премиерот во употреба го пушти и реконструираниот локален пат во село Бели, како што рече, делница која е не само со локално, туку и со туристичко значење.
– Денес го означивме и официјалниот почеток на градбата на пристапниот пат за градба на браната на Оризарска Река, проект што во првата фаза ќе чини 35 милиони евра, секако тоа подоцна ќе нарасне над 50 милиони евра. Инаку, патот е долг околу 6 км и треба да биде завршен некаде во текот на оваа година, по што ќе се почне со директни работи за градба на браната на Оризарска Река, која е важна и за наводнување и за производство на електрична енергија и за пиење вода за општините Кочани и Виница и околните општини, како што се Чешиново-Облешево и Зрновци. Би сакал да кажам дека градоначалникот на Кочани заслужува големи честитки затоа што овозможи многу добра бизнис клима и услови за правење бизнис, и неслучајно сите овие инвестиции се случуваат овде, изјави за медиумите премиерот Груевски.