Денеска во комплексот „АСНОМ“ во Кочани се одржа завршната презентација од Проектот за управување со сливот на реката Брегалница, финансиран од Швајцарската амбасада, петнаесетте општини по сливот на Брегалница и Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Планот за управување со сливот на реката Брегалница е работен изминативе четири години со цел да се постигне одржливо управување со водните ресурси и спречување на понатамошното влошување на статусот на водните тела. Според Рамковната директива за води на ЕУ и според нашиот Закон за води изработена е т.н. Програма на мерки која се однесува на шестгодишен период, од 2015-2021 г., во која се предвидени мерки кои ќе го подобрат статусот на водните тела во Брегалница и ќе го подобрат квалитетот во целиот слив. Доколку овие мерки почнат да се спроведуваат, тогаш за шест години ќе имаме подобрена ситуација на речниот слив, а за два циклуса ќе имаме посакувана ситуација во сливот – изјави проектниот меџер Владимир Ставриќ.
На завршната презентација беше потсетено и на малите инфраструктурни проекти, 15 – во сите општини по сливот на Брегалница и на трите мали инфраструктурни проекти од вториот круг. Исто така беа претставени и резултатите од другите активности од учеството на јавноста и од градењето на капацитетите на локално и на регионално ниво.
– Примената на овој План зависи пред сè од вклученоста на Министерството за животна средина и просторно планирање со обезбедување на доволно средства за спроведување на овие мерки, но исто така и од вклучувањето на општините и на Источниот плански регион, чија улога е мошне важна улога – додаде Ставриќ.
Претставникот на Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија, Франк Видеркер истакна дека завршувањето на овој проект е само формално бидејќи тие остануваат во регионот со реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица во Кочани.
Изработката на Планот е донација во висина од 4 милиона швајцарски франци, а 800 000 франци се учество на општините и дел на Министерството за животна средина. Поголем дел од овие средства се потрошија на реализацијата на 18-те мали инфраструктурни проекти.