Центарот за развој на Источниот плански регион и „Фармахем“ од Скопје во киното „Фросина“ во Скопје организираа презентација на резултатите од првата фаза од Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
На настанот свое обраќање имаа Франк Видеркер – регионален советник за вода и животна средина при Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија, Стево Темелковски – заменик-министер во Министерството за животна средина, Ратко Димитровски – претседател на Советот за развој на Источниот плански регион, Драгица Здравева – директорка на Центарот за развој на Источниот плански регион, Зора Урех – меѓународен тим-лидер на Програмата за зачувување на природата и Марјана Шушлевска – национален тим-лидер на Програмата.
На презентацијата беше истакнато дека Програмата за зачувување на природата во Македонија има за цел да ѝ помогне на Република Македонија во зачувување на големата биолошка разновидност и на природните екосистеми преку промоција на нивното одржливо користење и управување. Фокусот беше насочен кон сливот на реката Брегалница и Источниот плански регион. Оваа програма ѝ помага на Република Македонија во остварување на барањата на Натура 2000, еден од предусловите за членство во Европската Унија.
Во изминатите четири години, активностите во најголем дел беа насочени кон поддршка на изработката на стратешки и плански документи за земјата и за Брегалничкиот Регион кои ќе обезбедат основа за долгорочното планирање и создавање предуслови за одржливо управување со природните ресурси и за развој на овој регион. Исто така, преку Програмата беа поддржани и проекти на општините и здруженијата кои се имплементираа во Брегалничкиот слив, со цел создавање на поврзаност меѓу зачувувањето на природата и одржливиот развој, со учество на сите засегнати страни.
На настанот беа презентирани и видеоматеријалите „Одржливо производство на ориз“, „Пчеларството – врска помеѓу зачувувањето на биодиверзитетот и социоекономските придобивки“ и документарниот филм „Земјата на медот“.