По потпишувањето на договорот на 16 октомври, во салата на Советот на Општина Кочани се одржа првиот официјален настан од Проектот за третман на отпадните води.
Во присуство на претставници од Швајцарскиот секретеријат за економски прашања, Министерството за животна средина, Општина Кочани и на КЈП „Водовод“, консултантската куќа „Ернст Бастлер и Партнер“ го презентираше проектот од технички, финансиски и од корпоративен аспект.
Пред заинтересирани граѓани, претставници на организации, индустриски капацитети и месни заедници беше истакнато дека станува збор за капитален проект чија цел е да даде придонес за одржлив развој на кочанскиот регион преку заштита на природните ресусрси. Проектот се очекува да го промовира економскиот развој на регионот, на индустријата, земјоделството и туризмот.
Проектот за третман на отпадните води, беше речено на презентацијата, опфаќа проширување на канализацискиот систем во Кочани со изградба на главен колектор во должина од 12 км и на прочистителна станица за отпадните води. Едновремено, со неговата реализација ќе се подигне јавната свест за здрава животна средина и ќе се зајакне дијалогот за политиките за отпадни води.
Регионалниот концепт за отпадни води предвидува локацијата на пречистителната станица да биде во околината на селото Мојанци што е од суштинско значење за концептот којшто предвидува приклучување и на Виница и на околните места.
Во пречистителната станица ќе се врши примарно прочистување, биолошки третман и стабилизација на отпадната вода и нејзино цедење.
Периодот на изведба се планира од пролетта 2017 до крајот на 2018 г.