Програмата за зачувување на природата во Македонија, што како проект на Швајцарската агенција за развој и соработка во координација со Фармахем од Скопје започна да се реализира во 2012 година, продолжува со втората фаза. Главната цел и понатаму останува да ѝ се помогне на Република Македонија во зачувување на уникатната биолошка разновидност и на природните екосистеми, преку одржливо управување и користење на природните ресурси, со фокус на Брегалничкиот Регион.
На презентацијата на втората фаза од проектот во Кочани беше речено дека еден од главните очекувани резултати е подобрување на статусот на природните вредности со прогласување на т.н. заштитени подрачја.
– Втората фаза содржи конкретни активности коишто ќе придонесат за зачувување на природните вредности на регионот, притоа не игнорирајќи ги социо-економските вредности на населението. Пристапот којшто ќе го имаме во реализацијата на сите активности со главна цел зачувување на природните вредности ќе биде отворен, транспарентен, локалното население ќе има можност да учествува директно во носењето на предлозите и во реализацијата на прогласувањето на идните заштитени подрачја во овој регион. Всушност за тоа добивме доста податоци и информации во текот на првата фаза, коишто покажуваат огромни природни вредности, коишто за жал досега немаа некој посебн третман на заштита и на зачувување, а овие вредности му помагаат на регионот понатаму во брендирање на производи, во развој на специфичен еколошки туризам и некои други активности коишто ќе бидат предмет на поддршка од страна на нашата Програма за идните четири години – изјави Маријана Шушлевска, координатор на Програмата за зачувување на природата во Македонија.
Продолжувањето на активностите од Програмата за заштита на сливот на Брегалница се реализира во соработка со Центарот за развој на Источниот плански регион, а финансиската поддршка во висина од 3,8 милиони швајцарски франци и во следните четири години е од Владата на Швајцарија.