На 7 Септември, в понеделник, со почеток во 19 ч., Советот на Општина Кочани ќе ја одржи свечената седница со која ќе биде одбележан Денот на ослободувањето на Кочани и на која, на овогодишните добитници – Наталија Теодосиева и Васил Ангелов, ќе им бидат доделени највисоките општински награди – за значајни оставрувања и за животно дело.
На седницата свое обраќање ќе има градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, кој ќе направи пресек на реализираните проекти во периодот меѓу двата празника.
На седницата ќе им бидат врачени и наградите на учениците на генерацијата, чија сума годинава е повисока од вообичаената, поради неможноста да го користат летувањето на Паг, во Република Хрватска.
Уметничкиот дел ќе биде доверен на ОМУ „Ристо Јуруков“, а по завршувањето на свечената седница, со монодрамата „Лидија, или сѐ што знам за жените“ на Тихомир Јанчовски, ќе започне 57. Драмски аматерски фестивал, чии содржини ќе бидат распоредени до средината на октомври.
Настаните ќе се одржат на Споменикот на слободата во Кочани.