Советот на Општина Кочани одржа свечена седница по повод Петровден, празникот на Кочани, на која беа доделени највисоките општински награди.
Наградата за животно дело годинава постхумно ја доби д-р Константин Апостолов од Кочани, угледен и почитуван македонски и британски научник и истражувач во микробиологијата и вирусологијата. Апостолов (1933 – 2008) бил член на надворешниот работен состав на МАНУ, предавач и консултант во Институтот за вирусологија во Кралската медицинска академија во Лондон и истакнат активист на македонската заедница во британскиот главен град.
Наградата ја прими неговиот прв братучед, Кирил Ефремов, кој ја пренесе личната и благодарноста од децата на Апостолов коишто живеат во Лондон.
Одборот за доделување награди му ја додели Наградата за значајни остварувања на ГФК „Осогово“, со образложение дека во изминатата натпреварувачка 2016/2017 година „Осогово“ ја оствари повеќегодишната амбиција за повисок ранг на натпреварување со директен влез во Втората македонска фудбалска лига, преку одигрување на 27 натпревари, со 20 победи и постигнати 63 голови. Наградата е парична и изнесува пет просечни плати исплатени во претходните три месеци во Република Македонија.
На свеченоста по повод Петровден празнично излагање имаше градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски, а на првенците на генерацијата од основните и од средните кочански училишта и на првонаградените на државни натпревари им беа доделени награди.