Со свечена смотра и доделување на наградите на најдобрите поединци од Територијалната противпожарна единица и од Доброволното противпожарно друштво, во Кочани беше одбележан Денот на пожарникарите.

Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, наградата за најдобар пожарникар во 2022 година му ја додели на Влатко Јефтимов од ТППЕ. Наградата за најдобар доброволен пожарникар, што се доделува првпат, му беше врачена на Мирче Павлов од ДПД.

Според Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани, во 2022 година ТППЕ имала 10 проценти помалку интервенции во однос на претходниот едногодишен период. Најголем број биле пожари на отворен простор кои зафатиле површина од околу 162 хектари.

Значајна поддршка на ТППЕ – Кочани се волонтерите од ДПД, кои со сопствени средства и донации обезбедија возила и опрема за интервенции. Друштвото, чиј претседател е Златко Илијев, досега брои педесетина доброволци, а активно се обучуваат уште десетина нови членови.