Со цел да упатат пораки за поголема грижа кон јавната чистота и за подигнување на јавната свест за поздрава околина, на Меѓународниот ден на планетата Земја комуналните служби на Општина Кочани реализираа нови акции за расчистување на дивите депонии на неколку локации во градот.

Со механизација на КЈП „Водовод“ се отстрануваше отпадот натрупан во непосредна близина на Фабриката за вода.

– Сакам уште еднаш да го свртиме вниманието на граѓаните за значењето на животната средина и за разбудување на еколошката свест кај човекот. Неодговорното однесување на човекот доведе до климатски прoмени, до појава на ефект на стаклена градина, до глобално затоплување, до исчезнување на многу растителни и животински видови од лицето на Земјата. Ние секојдневно се соочуваме со нови депонии и повикуваме да проработи свеста и совеста кај граѓаните, отпадот да не го исфрлаат каде било – повика градоначалникот Николчо Илијев.

Одговорните од Општина Кочани оценуваат дека отпадот претставува голем проблем во локалната средина. Само со правилна стратегија и имплементација, како и со постојана обука и подигање на свеста на граѓаните за значењето на рециклирањето и селекција на отпадот може да се овозможи понатамошен раст и развој на локалната заедница и на тој начин да се обезбедат подобри услови за живеење.

За да влијае долгорочно на подобрувањето на квалитетот на воздухот, Општина Кочани годинава изведе голема пролетна акција за озеленување на урбаната средина и за пошумување на планинските голини. Во контекст на разубавување на средината, деновиве со дрвца и цвеќиња се уредуваат и новите кружни текови на улицата „Тодосија Паунов“.