На свечената седница на Советот, на која присуствуваа и заменик-министрите за локална самоуправа и за култура, Дејан Павлески и Владимир Лазовски, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев реферираше за сработеното во изминатите девет месеци.
– Наследивме долг од 76 милиони денари на основниот буџет и ако пред девет месеци стравувавме за начинот на негово сервисирање, денес гордо можеме да кажеме дека преку политиката на контрола на сите трошоци, финансиски ја консолидиравме Општината и таа денес е без долгови со салдо на сметка незамисливо за годините пред нас – рече во обраќањето градоначалникот Илијев.
Водејќи се од начелото на транспарентност во јавните набавки, Илијев соопшти дека од првично планираните 11 улици за 2018 година, со ист износ на парични средства, во моментот се работат 16 улици во сите населени места и во градот Кочани.
Посебен акцент Илијев стави на владеењето на правото, како една од основните заложби на оваа локална власт, а во делот на инспекциските служби најави зајакнување, сè со цел да може соодветно да се одговори пред законите и предизвиците.
– Образованието е основа за развојот на секое општество, а со тоа е важна сериозноста и одговорноста на сите раководители на образовните институции. Ќе им порачам на сите инволвирани страни во образованието, да го вратиме достоинството на наставникот преку професионализам, почитување на квалитетот и целосна департизација почнувајќи од првиот човек на секоја образовна институција – порача градоначалникот во своето обраќање.
Во досегашната работа посебна почит и благодарност Илијев упати до Советот на Општината, кој, како што рече, успеа да ги надмине партиските и дневно-политичките бариери, и чии одлуки придонесуваат за побрз развојот на Општината, што е основен интерес на граѓаните.
Детално, работењето во изминатиот период, градоначалникот Николчо Илијев го прикажа во видеоматеријал.