Партерното уредување на шеталиштето ќе зафати површина од 5.420 квадратни метри. Поплочувањето ќе се врши од северниот дел – мостот кај Шопинг-центарот, јужно кон „Пролет“, сѐ до Двојниот мост. Подот ќе биде обновен со гранитни нелизгави плочки.
Според договорот, во наредниот период ќе се изведат и подготвителните работи за градење нови амфитеатрални скали, конзолно спуштени кон Кочанска Река, на површина од 120 квадратни метри.
Во централниот дел на паркот ќе се изгради фонтана по принцип на распрскувачи. Ќе се постави современо обликувана урбана опрема и информативно пано со мултимедијален екран. Спомен-бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче ќе се преместат источно, а ќе биде изграден и санитарен јазол. Бетонското гледалиште од северната страна на Центарот за култура „Бели мугри“ ќе се отстрани, а ќе се уреди и постојниот паркинг во непосредната близина.
Со реконструкцијата на Градскиот парк ќе се оформи осмислен простор како шеталиште, кое во себе ќе има привлечни содржини и ќе нуди различни можности за посетителите. Кон ова ќе се надоврзи и изградбата на новиот пешачки мост „Пријателство“, за кој во завршна фаза е изработката на основниот проект.
Реконструкцијата на Градскиот парк ќе трае шест месеци.