Проектот е финансиран со 254.300 американски долари од Амбасадoрскиот фонд за културна презервација на Соединетите Американски Држави. Средствата ќе бидат наменети за целосно реконструкција и обнова на споменичната архитектура, поставување нови плочки на партерот и на ѕидовите, како и конзервација на сите мозаици.
Градоначалникот Љупчо Папазов, во своето обраќање изрази благодарност до Амбасадата на САД за влогот за обновување на Споменикот, кој важи за ремек-дело на уметникот Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ.
На настанот присуствуваа амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
– Низ програмата за културна презервација Соединетите Американски Држави прават сериозни инвестиции во заштитата на познатите светски културни вредности и богатства, а јас сум посебно задоволна што од денеска ќе го помогнеме обновувањето на овој важен монумент и ќе го зачуваме за идните генерации – истакна амбасадорката Брнз.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска го истакна значењето на реставрацијата на Споменикот на слободата и можноста тој повторно да стане вистински репрезент на традицијата, сегашноста и иднината коишто се вткаени во неговата безвремена идеја и изведба.
Во реализацијата на проектот за реставрација и конзервација на Споменикот на слободата се вклучени уметници, членови на семејството Чемерски.