По јавен повик за доделување договор за јавна набавка на услуги избран е изработувач на проектнa документација за реконструкција на Градскиот парк во Кочани.

Почитувајќи го идејното решение од инвеститорот, проектот ќе содржи: поплочен простор на кој ќе може да се одвиваат различни настани, собири, концерти, претстави, изложби на отворено, со можност за поставување бина и монтажни трибини; зелена површина со дефинирани растенија и цветни површини; простор за седење – клупи; фонтана; осветлување со канделабри и мултифункционален простор – платформа со урбана опрема.

Според описот на проектната задача, пред Центарот за култура ќе се задржат дрвјата во зелен остров,  а  спомен-бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче ќе се дислоцираат кај влезот од источната страна  Предвиден е нов централен пристап од јужната страна во Центарот за култура „Бели мугри“, што ќе овозможи брз проток на луѓе. Пред објектот на „Бели мугри“ е предвидена фонтана со распрскувачи, односно млазеви вода кои ќе се распрскуваат од подот кон горе. На местото на постојните трафики, покрај кејот, ќе се постават унифицирани павилјони.

Во паркот ќе се задржат постојните дрвја и зеленило, при што се предвидува нова пешачка патека, во која навлегува зеленило, каде ќе биде поставена урбана опрема и соодветно осветлување. На шеталиштето покрај кејот на реката, кое ќе продолжи јужно до ул. „Никола Карев“, ќе се постави урбана опрема, а кон реката ќе се предвидат амфитеатрално поставени скали обложени со дрвени седалки.

Со реконструкцијата на Градскиот парк треба да се нагласат функционално-естетските вредности важни за остварување на урбан идентитет на центарот на градот. Сите елементи според формата и изгледот треба да преставуваат една функционална целина која ќе има однос кон околната реализирана структура и ќе претставува логично надоврзување кон неа. Завршната обработка на  паркот е предвидено да се изработи со гранитни плочи. 

За изработка на проектнaта документација за реконструкција на Градскот парк во Кочани се наменети 418.900 денари од Буџетот на Општина Кочани, а рокот за изработка е три месеци по склучувањето на договорот со изработувачот.