Денеска градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и изведувачот „Електрика“ го потпишаа договорот за проектот за јавно осветлување на населените места Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, што се реализира со средства во износ од 60 илјади швајцарски франци обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка.

На неодамна рехабилитираната делница од  Кочани до Мојанци, како и на влезот на селото Долни Подлог ќе бидат поставени вкупно 61 челичен столб со светлосна арматура и подземен вод на каблите, со што ќе се осветли пат во должина од 2100 м.

– Светилките ќе бидат со максимално оптоварување до 80 вати и со ефикасност од 60 до 66 % заштеда. Рокот за изведба на работите е 2 месеца. Очекуваме тоа што ќе го направиме да биде поздравено од граѓанството, затоа што и досега сме работеле со тој тип производи кои се со висок квалитет по европски стандарди – соопшти Јоцо Јованов, од „Електрика“, избран изведувач на проектот.

– Со Швајцарската агенција за развој и соработка досега реализиравме неколку проекти кои се од витално значење за граѓаните од овој дел на Македонија, а посебно за нашата општина и без таа поддршка нивната реализација ќе беше невозможна, посебно на Пречистителната станица за отпадни води.  Со овој проект успеавме да поврземе уште два други, рехабилитацијата на патот Кочани – Подлог – Мојанци и овој, за јавно осветлување на трите населени места Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци. Тоа значи дека овие села ќе имаат осветлен пат што многу ќе значи за нивниот живот и ќе биде пример како треба да одговараме на инфраструктурните потреби во населените места, бидејќи само со една ваква стратегија можеме да ја оствариме нашата долгорочна цел – пристоен живот и во централното градско подрачје и во населените места – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Работите на терен почнуваат со потпишувањето на договорот и воведувањето на изведувачот во работа.