– Наскоро почнуваат работите за изградба на левиот коловоз на улицата „Стево Тодосиевски“. Најпрвин ќе се работи на изградба на потпорните ѕидови кај Спортската сала, во должина од 140 м. Новата лента ќе биде долга 500 метри, а градежните работи ќе се одвиваат од Двојниот мост до Туристичката агенција „Вел-јан“ – соопшти Влатко Димитров, раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани.
– На уредувањето на овој дел од централното градско подрачје работевме изминатите три и пол години, почнувајќи од експропријација и отстранување на објектите, дојдовме до расчистување и создавање услови за изградба на втората лента од булеварот. Тоа ќе овозможи непречено движење на возилата и соодветен сообраќаен излез и влез од западната страна на Кочани. Со ова очекувам дека ќе ја унапредиме безбедноста и на пешаците и на возилата, а ќе го подобриме и изгледот на овој дел од градот – истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
За реализација на овој инфраструктурен проект со кој се очекува значително да се подобри протокот на сообраќајот во централното градско подрачје се наменети 10 милиони 550 илјади денари, средства од општинскиот буџет. Во сообраќајните решенија е вклучена и изградба на два нови кружни тека, кај Двојниот мост и „Велјан“.
Проширувањето на „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“ ќе продолжи со уривање на објекти од десната страна на улицата.