Започна уредувањето на градежното земјиште во населбата Драчевик, во непосредната околина на парцелата на која е предвидена изградба на новата детска градинка.
– Уредувањето на градежно земјиште подразбира обезбедување непречен пристап до градежната парцела, односно изградба на објекти од комунална инфраструктура: јавен пат, водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела. Изведувањето на инфраструктурата се врши според Деталниот урбанистички план за Градска четврт 9. Работите започнаа со пробивање на неколку улици што ќе бидат во функција на новиот објект, активности коишто се обврска на локалната самоуправа – информира Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за уредување и располагање со градежно земјиште во Општина Кочани.
Според информациите од Министерството за труд и социјална политика, јавниот повик за избор на изведувач е завршен, а јавното отворање на понудите е закажано на 21 ноември 2019 година, по што ќе следува евалуација, избор, рок за жалба и потпишување договор со избраниот економски оператор. Изборот се спроведува според процедурите на Светска банка, која ја финансира изградбата на новата градинка во Кочани, во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, чија цел е да се зголемат капацитетите за сместување на деца од претшколска возраст.
Новата детска градинка во Кочани ќе биде современ, компактен објект, проектиран според најсовремени стандарди – градинка од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување.