Со реконструкцијата на една од старите воени згради наменетa за планинарски дом на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“, започнаа градежните работи од проектот „Планински велосипедски рај“.
Во тек е отстранување на старата кровна конструкција. Постојниот кров ќе биде срушен и ќе се гради поткровен дел со ист облик како и соседниот објект, со што ќе се добие една естетска целина на околниот простор. Во дел од објектот ќе се изведе подрум за поставување печка за парно греење на пелети. Во поткровјето се планирани 28 легла во двокреветни и трикреветни соби. Фасадните прозорци и врати се предвидени со ПВЦ-браварија, а ќе постави и термичка изолација.
Работите ги изведува фирмата „Делта-пром ИНГ“ од Велес, а назорот го вршат „Геинг“ Скопје – „Еуроконсалтинг“ – Скопје, избрани согласно Процесот на понудување спроведен согласно методот Национално јавно наддавање по Упатството на Светска банка.
Проектот „Планински велосипедски рај“ опфаќа и изградба на патеки за планински велосипедизам на Осоговските Планини во вкупна должина од 35 км, на релацијата Пониква – Брана Гратче – Кочани.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, кој направи увид во текот на градежните работи на планинарскиот дом, оценува дека реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“ ќе придонесе за проширување на туристичкиот потенцијал, со посебен акцент на планинарството и планинскиот велосипедизам.
– Со овој проект ќе ја подобриме актуелната туристичката понуда со патеки за велосипедисти, што значи дека се огромни можностите за привлекување не само на домашни, туку и на туристи од странство – изјави Илијев.
Проектот „Планински велосипедски рај“ се реализира со средства коишто Општина Кочани ги доби во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“ финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, администриран од Светска банка.