Шестотини садници јасен, донација од „А1 Македонија“, од денеска се пошумуваат на ридот Драчевик, на површина опожарена во огнената стихија на 2 август.

Иницијативата за оформување зелен појас од листопадни дрвја и патека за рекреација долж западниот дел на градот Кочани ја покрена градоначалникот Николчо Илијев, кој го поздрави почетокот на акцијата засадувајќи неколку садници јасен.

– Последиците од пожарите што го зафатија Кочани и Кочанско се санираат побрзо  со помошта и солидарноста од пријателите, поддршка чија благодaт ќе ја чувствуваат и идните генерации. Искуството од пожарите во текот на летото и консултацијата со шумските служби покажа дека не е добро заштитните зелени појаси околу градот да бидат со иглолисна шума, затоа што таа е лесно запалива, поради што пристапивме кон засадување листопадни и медоносни стебла. Со тоа ќе се постигне двоен ефект, односно ќе добиеме добар заштитен појас и рекреативни пешачки патеки во негова непосредна близина, а тоа ќе биде корисно и за пчеларите, чиј број е во пораст. Упатуваме благодарност до нашите пријатели од компанијата „А1 Македонија“ за оваа донација, а очекуваме на ваквата благородна идеја да се приклучат и други општествено одговорни компании за целосно да се санираат штетите од пожарите – истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

– Садниците се од видот јасен, со височина од 1,8 метри. Планираме да ги засадиме  за краток период, со што просторот ќе биде повторно облагороден и на тој начин ќе дадеме придонес во враќањето на природниот баланс и обновувањето на биодиверзитетот – истакна Александра Дамчевска од ЈП „Паркови и зеленило“.

Во пожарот што се случи во Кочани на 2 август годинава, беа зафатени куќи, објекти со добиток, земјоделска механизација и возила.