По иницијатива на Јавното претпријатие Национални шуми, почна постапката за конститутирање на Советот на засегнати страни на Заштитениот предел „Осоговски Планини“.

На првичниот состанок беше разгледано учеството и интересот на сите засегнати страни во Советот и начинот на неговата работа. Се заклучи дека Советот треба да има конструктивен состав со претставници од единиците на локалната самоуправа, урбаните и месните заедници чија територија како целина или како дел се преклопува со територијата на заштитеното подрачје, од локални здруженија на граѓани од областа на заштитата на животната средина и природата, државни и локални јавни претпријатија и установи кои вршат дејности и активности на територијата на заштитеното подрачје.

Улогата на ова тело е советодавна, тоа ќе дава мислења и предлози по однос на Планот за управување со заштитеното подрачје, може да преземе иницијативи и акции и да обезбеди услови за интегрирано управување со подрачјето.

– Јавното претрпријатие ќе се залага интегрирано да управува во соработка со сите заинтересирани страни и да обезбеди соодветна заштита на природните вредности и услови за одржлив развој на руралните заедници и регионот – истакна Маре Басова, помошник-директорка на Секторот за одгледување, подигање, екологија и лов во ЈП Национални шуми.

„Осоговски Планини“ е првото заштитено подрачје во државава со кое ќе управува Јавното претпријатие Национални шуми, за што се подгoтвува и првиот план за управување со ова заштитено подрачје.

Фокусот на управување во ова заштитено подрачје e кон тоа да се зачува автентичниот осоговски предел и да се одржи хармонична интеракција меѓу природата и културата на живеење на локалното население.