Почнаа градежните работи за поставување подземни контејнери на пет локации во центарот на Кочани. Постојното надземно се заменува со подземно складирање на отпадот, кој ќе се селектира. Ваквото складирање на отпадот најпрвин ќе почне да се применува кај станбените објекти за колективно домување. Механизацијата работи на ископи од неколку страни на Трговскиот центар и зад објектот на Поштата.

Според градоначалникот Николчо Илијев, Општина Кочани ќе продолжи со изработка на проектна документација со цел да се шири опфатот на подземните контејнери, кои заштедуваат простор, го подобруваат изгледот на околината и овозможуваат селектирање коешто е многу важно за натамошниот третман на отпадот.

Секој подземен контејнер ќе биде поставен на платформа и под површината ќе содржи четири единици, од кои две за комунален отпад и по една за хартија и за пластика. На тој начин ќе се избегне непријатната миризба, расфрлањето на отпадот, поместувањето и оштетувањето на контејнерите. Од друга страна, ќе се оневозможи фрлањето градежен шут, отпад од големи пакувања и друг кабаст материјал. Подземното складирање на отпадот е модел со кој се создава почиста и поздрава средина.

Празнењето на подземните контејнери ќе се врши со истите транспортни средства на КЈП „Водовод“, на кои ќе биде вградена хидраулична инсталација.