Почна асфалтирањето на локалниот патен правец од Кочани до Мојанци, поради што во шестчасовен прекин беше сообраќајот на патот од преминот преку железничката пруга, пред селото Подлог до мостот на влезот во Подлог.

– За реконструкцијата на овој патен правец во должина од 3,2 км добивме средства од Швајцарската агенција за развој и соработка. Патот кој поврзува три рамничарски села – Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, ќе биде проширен од сегашните 3,5 на 4,5 м и од едната страна каде што има услови ќе има и тротоар од 1,5 метар. По завршувањето на реконструкцијата тој ќе биде целосно осветлен, што значи дека ќе биде убав пример како сите наши села треба да бидат поврзани со административниот центар, во овој случај Кочани  – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.

Според најавите на изведувачот, градежната фирма „Стоименов“, во наредните денови  асфалтирањето ќе продолжи од влезот на Мојанци кон Горни Подлог.

Доцнењето на изведбата на колекторскиот систем од проектот за изградба на Пречистителната станица за отпадни води во близината на селото Мојанци, кој на две места преминува преку патниот правец од Кочани до Мојанци, ја одложи реконструкцијата на овој локален пат, која деновиве влегува во својата завршница.