На 7 октомври во Кочани ненадејно почина Коце Ефремов, борач на БК „Спартак“, југословенски репрезентативец, освојувач на златниот медал на Медитеранските игри во Сплит во 1979 година во борење-слободен стил во категорија до 48 килограми. Како репрезентативец Ефремов учествуваше и на Олимписките игри во Москва во 1980 година и го освои седмото место.

По повод смртта не Ефремов, градоначалникот Илијев испрати телеграма со сочувство до неговото семејство. Во неа се вели:

– Со длабоко жалење ја примивме веста за смртта на борачката легенда Коце Ефремов. Дозволете од мое лично име и од име на граѓаните на Кочани, да ги упатиме изразите на најдлабоко сочувство. Со постигнатите спортски резултати, Ефремов го прослави Кочани низ светот, а борењето го издигна на пиедесталот на најтрофејните спортови. Со „Спартак“, со олимписките и медитеранските медали и учествата на европските и светските натпревари беше мотив на многу нови генерации борачи. Кочани со гордост ќе се сеќава на врвните спортски успеси на македонскиот олимпиец – се вели во телеграмата со сочувство до семејството на Ефремов.