Денеска во Општина Кочани беше потпишан договорот со консултантот од проектот за изградба на пречистителна станица и колектор за отпадни води на територијата на Кочани.
– Овој проект е капитален за заштита на водите во целиот регион, проект со кој инвестираме во нашите идни генерации, рече градоначалникот Ратко Димитровски.
За консултант е избрана приватната швајцарска компанија „Ернст Баслер и Партнер“.
– Со сите овие проекти и со изработка на Планот за управување со сливот на реката Брегалница, Министерството за животна средина и целиот овој регион решаваат едно дамнешна потреба на граѓаните и очекуваме значен придонес за развојот на земјоделието, заштитата на природата, на водите, на туризмот. Освен тоа ќе се изработат просторен план на регионот по сливот на Брегалница и повеќе стратешки документи од различни области, а ќе биде многу значајно и за новите навики на живеење. Ова е најголемата донација што сме ја добиле од некоја држава и ѝ благодариме на Швајцарската Конфедерација за целокупната поддршка што ја дава на Министерството за животна средина и на Република Македонија – рече Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина во Република Mакедонија.
Донација на Швајцарија е во висина од 21 милион швајцарски франци. Дополнителни два милиона евра се обезбедени од Министерството за животна средина, Општина Кочани и КЈП „Водовод“.
Пречистителна станица, која ќе се гради на најниската гравитациска точка на вливот на Масалница во Брегалница ќе ги прочистува водите од сегашните 9 испусти од Оризари до Подлог кои ќе бидат собрани во главен колектор.
Пречистителната станица ќе биде опремена со најсовремена технологија, со мала површина и минимални трошоци за експлоатација и одржување. Со пречистителната станица ќе бидат третирани отпадните води од градот Кочани и од околните рамничарски села, со капацитет од 58 илјади еквивалент жители.