Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски го потпиша договорот со белградската фабрика „Минел Шредер“ за реконструкција на уличното осветлување во Кочани.
– Ова е поголем договор за нашата Општина, во висина од 52 милиони 510 илјади денари, со кој ќе се заменат 3125 светилки со нови – на лед-технологија, во најфреквентните делови на градот Кочани и во Оризари – соопшти градоначалникот Димитровски.
Според пресметките на стручњаците, со примената на новата технологија на осветлување ќе се заштедат до 65% од сегашната потрошувачка на енергија, а ќе се обезбеди подобар квалитет на осветлувањето.
Братислав Вучковиќ, претставникот на „Минел Шредер“, фабрика која се занимава со производство и вградување на лед-светилки, истакна дека станува збор за последен збор на технологијата, која освен заштеда на електрична енергија ќе донесе и заштеда во одржувањето. Вучковиќ рече реализацијата на овој зафат е голем предизвик за нивната компанија и дека е сигурен оти новото осветлување ќе му даде нов идентитет на Кочани.
– Со реконструкцијата ќе добиеме најквалитетен систем за јавно осветлување во Република Македонија – најави градоначалникот Димитровски.
Досега, светилки со лед-технологија се поставени на кружниот тек кај Полициската станица и на влезот во Подлог, кај фабриката „Антура“.