Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и избраниот изведувач Здружено вложување – АГП од Свети Николе и Промонтинг од Скопје го потпишаа договорот за реализација на проектот Регулација на Кочанска Река.
– Регулацијата на потегот од мостот кај Зебец до Бавчалукот е нешто што недостасуваше, не само за жителите од тој дел на градот, туку и за сите, бидејќи тоа е многу користен рекреативен предел, па со овој проект ќе придонесеме и овој дел од Кочанска Река да биде уреден и да добие урбан изглед. Рокот за изведба е шест месеци, сакаме квалитетна и навремена реализација на проектот, на задоволство на сите граѓани на Општина Кочани – изјави градоначалникот Илијев,
– Нашата фирма има искуство со вакви проекти и се надеваме да го реализираме проектот и пред предвидениот рок, ако нѐ послужат временските услови, и граѓаните на Кочани да имаат нов кеј со уредено речно корито, пешачки патеки, осветлување, со урбана опрема – соопшти Владимир Стамболиев, претставник на изведувачот.
Техничкиот проект предвидува регулација на коритото на Кочанска Река во должина од околу 450 метри. Планирано е да се изработи поголемо корито, а во него помало, коешто ќе ја прифаќа водата. Според можностите на теренот ќе се гради кеј од масивни бетонски ѕидови, бетонски скали и каскадни решенија на одредени делови. По целата должина на регулираното речно корито од двете страни ќе се постават канделабри, клупи и метални корпи за отпадоци.
Договорот е потпишан на 14,4 милиони денари, од кои грантот од Проектот за подобрување на општинските услуги е 10,6 милиони денари, а учеството на Општина Кочани е 3,8 милиони денари.