На парцела во селото Мојанци денеска беше поставен камен-темелник на Пречистителната станица за отпадни води, како дел од Проектот за третман на отпадните води во Кочани, финансиран од Владата на Швајцарија со приближно 21 милион швајцарски франци.
– Проектот опфаќа проширување на канализацискиот систем во Кочани вклучително и изградба на главен колектор долг 12 км, изградба на пречистителна станица за отпадни води, корпоративен развој на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“, подигнување на јавната свест и зајакнување на секторот за отпадни води односно дијалог за политиките – рече во обраќањето градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.
– Со овој проект Брегалница ќе биде заштитена од загадувањето предизвикано од отпадните води од градот Кочани. За жителите на градот и околните населби кои се опфатени со водоводниот и канализацискиот систем, некаде околу 40 илјади евидентирани корисници, како и за дополнителни 200 илјади жители кои гравитираат по течението на реката Брегалница ќе обезбедиме поквалитетни животни стандарди и поздрава животна средина – истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку во своето обраќање.
Швајцарската амбасадорка Сибиле Сутер Тејада истакна дека нивните очекувања за побрз и одржлив развој на регионот на Брегалницата се прилично високи, поради неколку интервенции поддржани од Владата на Швајцарија.
За изведба на пречистителната станица по принцип клуч на рака, по тендерска постапка е избрана германската компанија WTE, a нејзин подизведувач е „Жикол“ од Струмица. Станицата е со концепт за намален оперативен и трошок за одржување, со влезна пумпна станица, примарно прочистување, биолошки третман, стабилизација на милта од отпадната вода и нејзино цедење.
Работите на проектот за третман на отпадните води започнаа во 2012 година кога со донација од Државниот секретаријат за економски работи – SECO, се изработи физибилити студија за третман на отпадните води во Кочани. Две години подоцна беше склучен договор за финансирање на овој проект меѓу владите на Република Македонија и на Швајцарската Конфедерација. Изведувачот на првиот дел од колекторот, „Бауер БГ“ се очекува да ја заврши својата задача во наредните 10 месеци, а објектот Пречистителна станица е планирано да биде изграден до ноември 2018 година.