Работно, со зголемен број служби и патроли ангажирани во текот на новогодишните празнувања, со засилена превентива – вака Полициската станица од Кочани беше организирана изминативе неколку денови.
Со таква динамика ќе продолжат работните активности и за време на божиќните празници – соопшти командирот на ПС – Кочани, Горан Јакимовски при денешната средба со градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Празниците, главно поминале мирно, со минимални нарушувања на јавниот ред и мир, пред сѐ од семеен карактер, со една сообраќајна незгода со мала материјална штета и без тешки кражби и разбојништва. Службите сметаат дека ова е резултат и на зголемените превентивни дејствувања.
Најголемо внимание било посветено на регулирањето и контролата во сообраќајот и при најголемата фреквенција во градот на секоја крстосница имало сообраќаен полицаец. Имајќи го предвид интересот за престој на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“ во идниот период, Полициската станица ќе даде приоритет на регулирањето на сообраќајот и на оваа делница.
На средбата со командирот Јакимовски, градоначалникот Илијев истакна дека од полициските служби очекува добра соработка во 2019 година, во интерес на безбедноста и сигурноста на нашите сограѓани.