Шумскиот пожар што го зафати подножјето на Осоговските Планини, во атарот на кочанските села Бели и Лешки е ставен под контрола.

– Во интервенцијата, покрај локалните служби учествуваа и противпожарните единици од Виница, Штип, Македонска Каменица, подружниците на „Македонски шуми“ од Кавадарци, Гевгелија кои ја сфатија сериозноста на пожарот и дојдоа на помош и додоа придонес во ставањето под контрола на пожарот. Во 9 часот, по извршените контроли јавивме дека немаме потреба од дополнителнта интервенција од воздух. Сè уште понекаде се појавува ситен чад, но пожарот е целосно ставен под контрола. Исто така, помагаа и вработените во Комуналното претпријатие „Водовод“, а благодарност за поддршката во интервенцијата упатуваме кон месното население, пред сè од селото Бели. Наши екипи ќе останат дежурни на теренот и по гаснењето на огнот, за да спречиме каква било можност од негово повторно појавување. Сите индиции покажуваат дека пожарот е подметнат, за што се информирани службите во МВР, па очекуваме евентуалниот сторител да биде откриен. Пожарот не е дојден од Градската депонија, туку од сосема од друга страна – соопшти градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој раководи со Кризниот штаб.

Пожарот зафати површина од околу 150 хектари и изгоре повеќедецениска борова и друга шума. Со навремената интервенција спречено е огнот да зафати неколку викенд-куќи и пчелни сандаци.  

– Истиот пожар во истата оваа месност се појавува неколку пати. Откако ќе го ликвидираме, ќе се појави на некоја друга локација, што е показател дека пожарот е подметнат. Возилата што беа вклучени во гасењето на пожарот се во добра кондиција и се од голема корист при вакви интервенции. Најкритичен дел беше месноста Подлешка Кривина, каде има поголем дел од борова шума, оганот таму беше многу интензивен, таму се водеше борба за спасување на неколку викендички, успеавме во тоа да не бидат зафатени. Во текот на ноќта нашата Единица дежураше со помош од Подружницата на  „Македонски шуми“ и од локалното население. Вршевме дотур на вода, гасевме секаде каде што беше пристапно. Да напоменеме дека од денеска стапува на сила забраната за движење во шумите и сите што се движат во шуми треба да бидат внимателни, затоа што законот е ригорозен – изјави Влатко Јефтимов, командир на Одделение во ТППЕ – Кочани.

Проценка на причинетата штета ќе се прави допрва.

– Дел од боровите стебла се зафатени со приземен пожар, но повеќето се целосно изгорени, па нивната понатамошна функција и вредност се целосно загубени. Ние во нашите пресметки вообичаено ја проценуваме само штетата на дрвната маса и трошоците за одржување на шумите, додека воопшто не влегува загубата што има општокорисно значење за граѓаните. Тоа се непроценливи штети, а граѓаните на Кочани, па и во целата држава, треба да знаат дека во вакви пожари нам ни гори по една фабрика за чист воздух, односно губиме по еден огромен магацин за складирање јаглерод диоксид – истакна Горан Стојковски од ЈП „Македонски шуми“.