Претставници од Противпожарната едница на Крањ од Република Словенија, деновиве престојуваат во Кочани, во работна посета на нивните кочански колеги.

– Задоволни сме што периодите на обуки можеме да ги поминеме разменувајќи искуства со нашите колеги и пријатели од Крањ. Ова е соработка што трае втора деценија и што можеме да поминеме драгоцени часови учејќи од нив. Конкретно, деновиве ќе го реализираме завршниот дел од обуката за користење на специјалното возило за интервенции на големи височини, коешто го добивме како донација од Противпожарната единица од Крањ – соопшти Благојчо Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Во составот на крањската екипа се командирот на Единицата, механичар и четворица професионални пожарникари.

Во знак на благодарност за донираното теренско возило од Крањ, градоначалникот Николчо Илијев ѝ додели благодарница на Противпожарната единица и повика соработката да продолжи.

–  Кочани му благодари на Крањ за огромната поддршка во пожарникарската дејност. Сметам дека добро опремени и обучени пожарникари се од огромна важност за секоја локална заедница, затоа ќе продолжиме да ги унапредуваме техничките и човечките ресурси во нашата Територијална единица и да градиме мостови на пријателство што ќе нѐ прават побогати со знаење, а со тоа и повредни – рече градоначалникот Илијев.