Во пресрет на големиот христијански празник, Велигден, Општина Кочани во соработка со Центарот за култура „Бели мугри“ организираше поетска вечер под наслов „Човекољубието – пат кон вечноста“.

Кочанската публика имаше можност да проследи поезија од афирмирани поетеси, меѓу кои и членови на Друштвото на писатели на Македонија: Делвина К’рлуку, Елена Пренџова, Марина Мијаковска, Оливера Доцевска, Љубинка Донева и Аника Илијевска Ѓорѓиева. Преку своите стихови тие испратија порака за несебично дарување љубов кон блиските и кон човекот воопшто.

Настанот тематски беше придружен со игра на сенки и настап на млади музичари. Поетската вечер имаше за цел да го побуди човекољубието кај луѓето, кои живеат растргнати помеѓу материјалниот и духовниот свет.