Со цел да се разгледаат идеите и можностите околу одржувањето и заедничките инвестиции на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, одржа средба со претставници од Фудбалската федерација на Македонија.
– На повидок е решавање на прашањето за поставување 1 500 столчиња на источната трибина и други инвестиции во инфраструктурата и во одржувањето, што ќе го подигнат нивото на стадионот за одигрување на помали меѓународни натпревари. Со претставниците на ФФМ постигнавме начелни договори за довршување на работите за исполнување на пропишаните критериуми – соопшти по средбата градоначалникот Илијев.
Општината очекува поддршка од Фудбалската федерација на Македонија и во решавање на основните потреби за одржување на спортскиот терен „Никола Мантов“.