Со цел да придонесе за збогатување на рибниот фонд, Спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“ изврши порибување со 400 килограми риба, крупен и ситен крап во акумулацијата Гратче.
Порибувањето се изврши со финансиска поддршка од Општина Кочани и со средства на здружението. Во второто порибување годинава се вложени околу 90 илјади денари.
На порибувањето на езерото Гратче присуствуваше и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој упати благодарност до риболовците кои се грижат за одржување на рибниот фонд и за животната средина.
– Општина Кочани ќе продолжи да поддржува вакви и слични акции, што овозможуваат дополнителна можност за развој на туристичките и рекреативните потенцијали. Освен тоа, ние како локална самоуправа го вклучивме просторот околу акумулацијата во проектот „Планински велосипедски рај“, со што во наредниот период тој ќе биде уреден и ќе добие поинаков изглед, а со патека за авантуристички велосипедизам долга 35 километри ќе биде поврзан со Кочани и со планинскиот центар Пониква – рече Илијев.
Според Димитар Димитров, претседател на Риболовното здружение „Кочански рибар“, во моментот во важност е целосна забрана за риболов што ќе трае до 15 јуни, а новина е тоа што годинава има намалување на тежината по примерок за улов, односно ќе биде дозволено да се лови риба до три килограми.
Од спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“ најавија дека до крајот на годината планираат најмалку уште две порибувања на езерото Гратче, а ќе ја продолжат и соработката со Општина Кочани за реализација на други проекти за збогатување на рибниот фонд и зачувување на природната околина.