Заедницата на единиците на локална самоуправа на Македонија дава целосна поддршка за активностите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Кочани, особено што таа е меѓу поактивните во државата и веќе има реализирано поголем број мерки од Планот за родова еднаквост.

Таков е заклучокот по средбата на на Комисијата и градоначалникот Николчо Илијев со директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, на која беше речено дека ќе продолжи помошта во поглед на работењето и остварувањето на главните цели.

– Локалната власт постојано треба да докажува дека може и мора да одигра позитивна улога во промовирањето еднаквост на практични начини кои влијаат на секојдневниот живот на граѓаните и да се постигне еднаквост во пракса, истакна Татјана Лазарова Осоговска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

На седницата, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите донесе одлука за помош со опрема на женската екипа на Кошаркарски клуб „Баскет Дино“ од Кочани, кој од годинава се натпреварува во државниот лига-систем.

Во знак на благодарност за соработката, градоначалникот Илијев им додели благодарници на членовите на Комисијата и на гостите од ЗЕЛС.