Планинарскиот дом ќе има 28 легла распоредени во двокреветни и повеќекреветни соби, кујна, трпезарија и просторија за предавања и работилници.
– Реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“ ќе придонесе за проширување на туристичкиот потенцијал, со посебен акцент на планинарството и планинскиот велосипедизам. Целта е да развиеме едно уникатно планинско авантуристичко искуство. Задоволни сме што реализираме уште еден проект поврзан со туристичката инфраструктура што се вклопува во стратешките цели на Општина Кочани – вели градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.
Работите од проектот „Планински велосипедски рај“ се изведуваат со средства што ги доби Општина Кочани во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“ финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, администриран од Светска банка.
За проширување на туристичкиот потенцијал и за создавање услови за развој на авантуристичкиот туризам се наменети вкупно 30.674.272 денари, од кои 10 проценти се учество на Општина Кочани.
По завршувањето на патната инфраструктура кон Пониква и реконструкцијата на ски-лифтовите, во изминативе три години ова е третиот крупен проект за развој на туризмот на Осоговските Планини.