Општина Кочани во соработка со локалниот огранок на Здружението за борба против рак на дојка и сите други видови рак „Борка – за секој нов ден“, в сабота, на 12 јуни организира настан за промоција на здрав живот, под мотото Пешачењето е здравје.

Настанот е замислен како рекреативна прошетка на релацијата од Градскиот плоштад до Гоцева Шума, при што ќе се користи земјената пешачка патека од десната страна на коритото на Кочанска Река.

– Во активноста што ја организираме според Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите, сакаме посебно внимание да им дадеме на лицата што се борат со тешките болести, на нивните семејства и на сите жители на Кочани, упатувајќи пораки за важноста на физичката активност и на здравата храна. За таа цел со граѓаните што ќе се вклучат во прошетката е најавено учество и на лекари специјалисти, кои ќе споделат совети за одржувањето на виталноста и на здравјето на човекот – соопшти Љубинка Ајтовска, координаторка за еднакви можности во Општина Кочани.

– Сите ние сме борки и борци во ова време на пандемија, сите минуваме низ тежок период на здравствена криза. Затоа, со овој настан сакаме да си дадеме поддршка едни на други и да се потсетиме дека природата има лек за сѐ – истакнува Валентина Андонова, координаторка на локалното здружение „Борка“ – Кочани.

Општина Кочани и локалниот огранок на Здружението „Борка“ ги покануваат сите љубители на пешачењето, без оглед на нивната возраст и пол, да се приклучат во рекреативната прошетка до Гоцева Шума. Поаѓањето е во 8:30 ч., пред општинската зграда.