Градоначалникот на Општинa Кочани, Николчо Илијев, го потпиша договорот со Бирото за регионален развој за добивање 2 милиони денари за реализација на проектот за изградба на локалниот пат од местото викано Крушка кон селото Полаки, како еден од 98-те нови проекти за развој на планските региони, на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби кои се финансираат со средства од Буџетот на Република Македонија.

– Како во централното градско подрачје, така и во селата и во руралниот дел, настојуваме секаде да работиме во делот на патната инфраструктура. Преку Бирото за регионален развој добивме 2 милиона денари помош и со уште 3 милиони денари од општинскиот буџет ќе го изградиме патот од месноста викана Крушка во правецот на училиштето во Полаки, во должина од 800 м, за што наскоро ќе биде распишан оглас за доделување договор за јавна набавка, соопшти Илијев.

Во врска со одржувањето на патиштата во руралните делови од Кочанско, Илијев истакна дека продолжува прочистувањето на сите патишта во руралниот дел, кои поради поројните дождови, и покрај прочистувањето, повторно се во незавидна состојба.

– Наша задача е повторно да ги чистиме и се трудиме патиштата постојано да ги држиме отворени за да можат луѓето да ги користат своите имоти – додава Илијев.