Според Индексот на активна транспарентност за 2024 година на Центарот за граѓански комуникации, Општина Кочани петта година по ред е во најдобрата група институции според активната транспарентност, кои ги исполнуваат обврските од 80 до 100 %.
Источниот Регион, каде што припаѓа Општина Кочани, со 88 % остана на челното место меѓу осумте плански региони, каде што беше претходните четири години.
Оценувањето на активната транспарентност се врши врз основа на податоците што институциите ги имаат објавено на своите веб-страници, врз основа на законските обврски што ги имаат за објавување информации од сфери кои се од важност за граѓаните и кои влијаат врз нивните животи и работењето. Во оваа смисла, се земаат предвид обврските што произлегуваат од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и обврските од други закони што се однесуваат на трошењето јавни пари.