Малото вештачко езерце во подножјето на Осоговието, вгнездено во клисурата на Кочанска Река, изгледа како да е илјадници километри оддалечено од цивилизацијата.

Всушност е на помалку од десет минути возење од Кочани. Може да се стигне и пеш, бидејќи од градот е направена пешачка патека покрај самата река, погодна за рекреативци, дури и за повозрасни лица и за мали деца.

ГРАТЧЕ

Планина и езеро, водопади и река, археолошко наоѓалиште, но и урбанизиран дел каде што може и да се јаде и да се преспие. Дивата природа изгледа како да е илјадници километри оддалечена од цивилизацијата, а всушност сето ова е на дофат на дланката, на само 5-6 километри од секојдневниот градски живот. Зборуваме за Гратче, мало вештачко езерце, вгнездено во подножјето на Осоговието, во клисурата на Кочанска Река, на помалку од десет минути возење од Кочани. Дотаму може да се стигне и пеш, бидејќи од градот е направена пешачка патека покрај самата река, погодна за рекреативци, дури и за повозрасни лица и за мали деца.

ГОРНО И ДОЛНО ГРАДИШТЕ

Асфалтираниот пат нѐ води кон акумулацијата. Ги одминуваме рибникот и хотелот сместени на брегот и стигнуваме до мал видиковец. Оттука патот продолжува кон селото Јастребник, а десно од него се двојат две патеки – едната води нагоре кон акрополот на некогашната доцноантичка населба, Долно Градиште, а другата надолу, кон водопадите на Голема Река.

Нашата прва дестинација е археолошкиот локалитет на местото викано Долно Гратче. Илинка Атанасова, археолог од Кочани, вели дека, според пронајдениот археолошки материјал, населбата опстојувала од 3-4 век до 14 век. Козјата патека кон акрополот е малку стрмна, но не бара голем напор. Додека се искачуваме, од подножјето нѐ придружува жабји хор, мошне гласен и очигледно доста голем. Необична и симпатична промена ако увото ви е навикнато на звуците од урбаниот метеж.

– Има трска во езерото, па затоа има и жаби – велат кочанци.

Тврдината зафаќа простор од околу 1,5 хектар. Имала дебели одбранбени ѕидови, а на акрополот имала доѕидана средновековна кула. Ѕидот е најмногу зачуван на јужниот дел, каде што се простира и широка станбена тераса, на која се забележуваат контури од простории. Таму се највидливи остатоците, но од нашето стојалиште не ги гледаме. Видливи се од спротивната страна и ќе им се навратиме подоцна. Во подножјето, пак, покрај самото корито на Мала Река, зачувана е природна карпа во која се издлабени камени седишта, а пронајдени се и остатоци од покривна конструкција.

– Населбата била природно заштитена од клисурата. Карпите стрмно се спуштаат кон Голема Река. Во 2004-2005 година правени се истражувања од превентивен карактер, зашто патот кон Јастребник е трасиран преку средината на археолошкото наоѓалиште и тоа е во голема мера оштетено при изградбата – вели Атанасова.

Пристапност

– Езерцето Гратче се наоѓа на 6 км од Кочани по добар асфалтиран пат

– Од излезот на градот до езерото, покрај Кочанска Река, води пешачка патека

– Местото каде што се дели патот кон водопадот е означено со табла

– Патеката од асфалтираниот пат до водопадот е долга 150 м

– Кон акрополот на Долно Градиште има кратко искачување по козја

патека

Факти

– Езерото Гратче е направено во клисурата на Кочанска Река, на местото каде што се спојувале Голема и Мала Река

– Доцноантичките локалитети Горно и Долно Градиште се издигнуваат на двата брега на езерцето

– Водопадот на Голема Река е формиран од некогашната помошна брана

– Во околината на езерото постојат повеќе од 30 природни извори на вода

На локалитетот се пронајдени парчиња од метална згура и предмети од животински коски. Во поглед на градежната керамика, преовладуваат ќерамиди-тегули, со плитки жлебови, цврсто печени, со црвеникаво-окерна боја и со украси повлечени со прсти на мазната површина. Има и фрагменти со втиснати животински отпечатоци, од коза или од овца. Најдени се фрагменти од помали и поголеми питоси датирани од 4 и 6 век, направени од печена глина со примеси на ситно дробен кварц и песок. Исто така, има и амбалажни садови, фрагменти од кујнска грнчарија од потемна глина, украсени со брановидни линии, врежувања и други орнаменти типични за доцноантичките и рановизантиските населби во Македонија. Покрај ова, пронајдени се и метални предмети како клинци, црпалки, предмети од коска – чешли, рачки од ножови и полупроизводи изработени од рог.

– Доцноантичкото Гратче ги контролирало комуникациите што воделе по долините на Голема и Мала Река. Населбата имала стопански карактер – вели Илинка.

На спротивниот брег на Голема Река ни го покажува и Горно Градиште. Акрополот на овој локалитет се наоѓа на средишниот дел на ридот, врз висок земјен насип, а на источната страна има една одбранбена кула. Во подножјето на ридот на самиот брег на Голема Река е пронајдена голема некропола.

– Гробните конструкции се камени цисти од монолитни камени плочи поставени во редови, насочени во правец север-југ. Откриени се триесетина гробни конструкции, за жал, ограбени од диви копачи. Меѓу пронајдоците на Горно Градиште е и цистерна во која древните жители собирале вода – објаснува Илинка.

ПОМОШНАТА БРАНА СЕ ПРЕТОПИЛА СО ПРИРОДАТА

Акрополот на Долно Градиште го открива погледот кон малата акумулација. Браната е изградена во 1958 година на местото наречено Рамна Карпа. Местото, пак, на кое се наоѓа езерцето било познато под името Светочки Скали. Се снабдува со вода и од Голема и од Мала Река, кои пред потопувањето тука се спојувале и ја формирале Кочанска Река. Сега се влеваат директно во него.

Клисурата е навистина живописна, а напролет вегетацијата е исклучително бујна. Пред очи ни се сите нијанси на зелената боја. Местото е совршено за викенд-бегство од градовите, толку мирно, а толку близу. Овде доаѓаат за рекреација, за риболов, на прошетка, пеш или со велосипед.

Полека се враќаме до точката каде што се раздвојува патот и овојпат продолжуваме кон фамозните водопади на Голема Река. Патеката долга 150 метри, води низ шумски амбиент, покрај реката. Како што наближуваме кон водопадот, бучавата се зголемува, како и влажноста на воздухот. Веќе покрај самиот водопад, ветрот ги распрснува капките, фрлајќи ни ги речиси во лице.

– Еве до тука стигнува реката – вели Сашко Стефановски, професор по географија и вљубеник во планините, веќе 40 години активен планинар, покажувајќи ни ја линијата речиси до самата патека, што ја исцртала реката кога нејзините води биле побујни.

Иако на прв поглед воопшто не изгледа така, водопадот висок дваесетина метри не е дело на природата. Ѕидот зад него всушност бил помошна брана направена во времето кога се градела акумулацијата. Била изградена од камени блокови и нејзина задача било да спречи нагло надоаѓање на водата онаму каде што се работело на главната брана.

– Природата го зазела теренот и водопадот повеќе не изгледа како вештачки. Помошната брана не се користи, преполна е и водата постојано прелева создавајќи го на тој начин водопадот – раскажува Стефановски.

Во непосредна близина има мал дрвен мост. Преку него патеката продолжува. Кружна е и го обиколува целото езерце.

– Во околината на езерото постојат повеќе од 30 природни извори на вода – вели Владо Филипов од општината Кочани.

ПЕДАЛИНКИ И ЕКСТРЕМЕН ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Целодневната прошетка во овој крај задолжително завршува во блискиот „Еуро-хотел – Гратче“, велат нашите домаќини. Оддалечен е само 1 километар од водопадите. Тргнуваме назад по патот и за миг сме таму.

– Се трудиме да заживее местово, инвестираме. Прво акцентот го ставаме на промоцијата на природата. За кочанци веќе одамна е познато местото, го викаме кочански бисер. Веќе има солидна посетеност и од Скопје, патот е добар и брзо се стигнува. Доаѓаат сѐ повеќе посетители – вели сопственикот Тоше Стојановски, кој управува со овој угостителски објект од 2014 година.

Паралелно со промоцијата на природата, тој воведува и нови содржини што се интересни за посетителите. Веќе има две педалинки, а нивниот број од оваа сезона ќе се зголеми. Се планира оформување и на мини-зоолошка градина. За вљубениците во адреналинот, пак, од Пониква до Гратче водат патеки погодни за велосипедски спуст.

Се спуштаме по скалестите тераси. Најниските се на самото езеро. Од брегот се отвора нов поглед кон зелената природа, но од поинаков агол. Сега отспротива ги гледаме и остатоците од Долно Градиште, оние за кои претходно ни раскажуваше Илинка. Еден рибар одминува со чамецот, но неговото движење не успева да го наруши балансот на природата. Овде сме многу поблиску до жабјиот хор, кој како да се труди уште повеќе да нѐ импресионира. Ниедна друга музика не би била посоодветна.

На излезот од Кочани кон Гратче, каде што почнува пешачката патека до вештачкото езерце, се наоѓа спортско-рекреативниот центар „Бавчалук“. Тука порано имало базен, а сега има повеќенаменско игралиште со терени за кошарка, мал фудбал, дел за скејтборд и за ролери.

Еден километар подолу има уште еден рекреативен центар „Гоцева шума“, кој кочанци го користат за еднодневни излети, за скара во природа. Осветлен е со светилки на соларна енергија.

– Целиот простор, целата патека до браната Гратче е облагородена со некакви содржини – велат од општината Кочани.

автор: Бисерка Велковска-Блажева, фотограф: Маја Јаневска-Илиева, извор: Нова Македонија