Општина Кочани во соработка со Здружението „Еко Логик“ – Скопје денеска организираа панел-дискусија на темата: „Одржлив туризам за патување во Кочани“.
Настанот го отвори градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој говореше за природните потенцијали на Кочани и можностите за нивно ставање во функција на развој на туризмот, како и за потребата од подигање на свеста за промовирање зелени вештини и професии, особено во секторот туризам.
Пред присутните беа презентирани четири теми. Успешната приказна за одржлив туризам со „Еуро Хотел Градче“ ја претстави Руди Георгиев. Ирена Мирчовска од Еко Тим Исток – Кочани презентираше креирање на туристичка мапа за еко туризам во Кочани, како и бизнис план за еко туризам, резултат од проектна активност на Еко Тим Исток, а Лазо Димитров од граѓанското здружение „Среќни луѓе“ го претстави проектот „Браната Градче да блесне како езерски бисер“ – проекти поддржани од ЕУ и кофинансирани од Општина Кочани.
Активноста е дел од проектот „Припер“ – Промовирање заштита на природата и учење за климатските промени, проект кој е финансиран од Европската Унија преку Еразмус+ програмата KA2 – Партнерства за соработка во областа на младите. Координатор на проектот е Општина Ушак од Турција.
Други партнери во проектот, покрај Општина Кочани се општините Селчи од Италија и Метаморфозис од Грција, Еко Логик – Македонија, Sustainable development Association од Турција, System Dynamics Italian Chapter – Италија и LATRA Innovation Lab – Грција и Symplexis – Грција.