Денеска, во Мултикултурниот центар во Кочани, заменик на претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски одржа панел дискусија со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, претставници од канцеларијата на Обединети нации и раководители на локални институции на тема „План за борба против корупцијата“.

– Клучна забелешка на Европската Унија е отсуството на финансиски истраги и конфискација на имот. Ако не го конфискуваме имотот, нема да ги убедиме граѓаните за нашите чесни намери. Од друга страна, нема обвинителство коешто ќе ви каже дека има капацитет за финансиски истраги. Граѓанинот треба да ја види примената на мерките, тоа е транспарентност која е поврзана со човековото право на знаење и информираност, преку редовно известување на јавноста за трошењето на парите. Борбата против корупцијата е решеноста на секој поединец да не биде дел од корупција – рече Николовски.

– Многу често граѓаните не се свесни дека се соучесници во коруптивни дејства, како што е на пример оддавање информации во делот на јавните набавки коешто неповолно влијае на трошењето на јавните пари. Потребно е внимателно однесување и што почесто говорење на овие теми, затоа што молчењето им помага на овие деструктивни општествени процеси – истакна во својата дискусија градоначалникот Илијев.

Во дискусијата беше истакнато дека ќе се работи на подготовка на Прирачник за спецификација на производи и цени во Бирото за јавни набавки, на целосна регулатива за начинот на користење на службени возила. Ќе се формира централна база на податоци за издавање на лиценци и договори и на нов систем за следење предмети и претставки,  што ќе има цел да ги охрабри граѓаните и фирмите, дека не треба да бидат малтретирани, туку мотивирани. Борбата против корупцијата во единиците на локалната самоуправа има допирна точка  и  во намалување на членовите на управните и надзорите одбори, кои треба да бидат максимум петмина.

На панел-дискусијата говореа Вирџинија Меркез, регионална координаторка на канцеларијата на Обединети нации за борба со дрога и криминал и Бил Вуд, координатор на проектна канцеларија на Обединети нации за борба со дрога и криминал во Скопје, а   од учесниците на настанот беа изнесени примери за коруптивно однесување и за потребата од негово итно елимирање.