Градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски на прес-конференција даде отчет за сработеното изминативе четири години.
– Една од главните задачи беше асфалтирањето на улици и патишта. Најсвежо асфалтирани се десетте улици со заемот од Светска банка. Асфалтиравме и во Оризари и во сите други села. Ги реконструиравме пристапите на влезот во Кочани од Штип, на влезовите во Оризари, Тркање, во Долни Подлог, патот кон браната Гратче и кон локалитетот Дабот во Бели; Оризари – Врговци, патот во селото Бели, до Лешки, кон Јастребник и две клучни улици на Пониква – рече градоначалникот Димитровски.
Димитровски го нагласи проектот за изградба на пречистителна станица и колектор за отпадни води којшто се реализира со најголемата швајцарска донација во Република Македонија во висина од 21 милион швајцарски франци, и најголема за Кочани во последните 50-ина години. Исто така ја посочи континуираната изградба на акумулацијата „Речани“, модернизацијата на системот за улично осветлување, забрзаниот развој на Пониква, како туристички центар на Истокот.
– Постојано работиме на решавање на потребите на Ромите, на инфраструктурен, образовен и на економски план. Од Буџетот на Општината, со средства од „Декадата на Ромите“ и од други фондови изградивме нови улици во Ромското Маало: асфалтиравме неколку краци на улицата „Стамен Манов“, ги реконструиравме „Љупчо Сантов“, „Славчо Стојменски“, изградивме повеќенаменско игралиште во Трајаново Трло – додаде Димитровски.
Според градоначалникот на Кочани, една од најголемите придобивки за овие години е подобрената локална економска слика.
– Создадовме услови за добар локален економски развој и донесовме неколку инвестиции: холандската современа лабораторија за украсни цвеќиња „Антура“, којашто веќе се проширува со нов погон за уште 300 нови вработувања. Компанијата за производство на кабли за автомобилската индустрија и за антенски структури – „Амфенол“ веќе има 1 200 вработувања. Овде се и новите инвестиции: „Руен инокс аутомобиле“, „Левидиагро“, „Вима фешн“, „Хипотерм“, „Гирлофс“, „Унитрејд 2002“, „Нидо ГТ“, „Лукоил“, „Тинекс“, кои сите заедно веќе вработуваат над 1 400 сограѓани – истакна Димитровски.
На крајот, градоначалникот Димитровски ги истакна приоритетите кои следуваат во наредните четири години: изградбата на експресниот пат Три Чешми, завршувањето на проектот Пречистителна станица за отпадни води; изградбата на браната Речани; инвестирањето на Пониква и создавањето услови за зголемување на вработеноста со паралелно зголемување на платите на вработените.