По иницијатива на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОВ, на 8 мај во 14 ч. на локалитетот Пониква, кај објектот на Општина Кочани беше откриена спомен-плоча со која ќе се одбележи работењето на Воената болница во периодот од јуни до ноември 1947 година.
На спомен-плочата е запишано:
„Овде на Пониква, во околните згради (поранешни воени касарни) во периодот јуни-ноември 1947 година, во најголема тајност функционираше Воена болница во која се лекуваа над 600 ранети и болни борци од Демократската армија на Грција.“
Главниот организатор на воената болница бил Раде Гогов, кој присуствуваше на откривањето на спомен плочата на Пониква. Според Гогов, на Пониква биле донесувани ранети борци од повеќе места на планините Вич и Грамос каде се водела војната во Грција. По лекувањето овде, ранетите биле пренесени во Катланово, а оттаму во болницата во Јасеново.
– Имаше тука десетина бараки, ама сите беа руинирани, а оваа беше поздрава и полесно се поправаше. Затоа од Кочани веднаш побаравме мајстори, да ја покриеме, за да не прокиснува. Дојдоа и двајца лекари од ВМА од Белград, рече Раде Гогов, организатор на воената болница на Пониква.
За трите месеци, колку што работела болницата на Пониква, биле лекувани околу 700 борци, од кои педесетина починале.
Иницијативата за поставување на оваа спомен плоча е на Раде Гогов, а Сојузот на борците, односно главниот одбор на СЗБНОВ на Македонија ја поддржа преку претставникот Благој Зашов. Поставувањето на плочата е реализирано со поддршка од Општина Кочани.