Денеска во просториите на ЈОУБ „Искра“ – Кочани започна минисаемот на книга, 15-ти по ред. На овогодинешниот саем присутни се само две издавачки куќи „Култура“ и „Полица“. Отварањето на саемот беше во присуство на градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.

-Денес имав можност да го посетам саемот на книгата организиран од матичната библиотека „Искра“ во Кочани, во услови на пандемија и ограничени капацитети за организација. Сепак се прави еден напор да се развива културата на читање, да се мотивираат најмладите кои денес се во посета на овој саем и сметам дека ова е убав поттик и момент за поздравување и очекувам кога ќе одминат овие услови на пандемија со ограничени можности, дека ќе имаме можност да видиме повеќе издавачки куќи и посетители – истакна градоначалникот Љупчо Папазов.

-Ги ставаме на располагање изданијата на две издавачки куќи, настанот се реализира според мерките за заштита и спречување на ширење на вирусот. Планираме на почетокот на иднината година да почнеме со организирање минисаеми секој месец и се надеваме дека пандемијата ќе замине што поскоро за да се вратиме на познатиот наш стандарен саем на книгата со многу издавачки куќи и посетители – соопшти Коце Стоименов, директор на ЈОУБ „Искра“ – Кочани.

Овогодинешниот минисаем ќе трае до петок, 03.12.2021 година.
Ќе биде отворен од 9 до 18 часот.